Алхемичарот: книга која ве води на необично патување кое никогаш нема да го заборавите

Постојат мајсторски книги, оние херметични, интригантни и комплицирани книги кои морате трпеливо да ги читате за да ја откриете тајната која љубоморно ја чуваат. А тука се и едноставните книги, оние кои ве земаат за рака и ви помагаат да откриете некој нов свет.

Таква е и оваа книга, која ве води на необично патување кое никогаш нема да го заборавите.

Како да се разбере Јазикот на Светот

– „Постојат три типа на алхемичари“ – рече господинот. „Оние кои се нејасни бидејќи не знаат за што зборуваат, оние кои се нејасни бидејќи знаат за што зборуваат, но истовремено се свесни дека јазикот на алхенијата е насочен кон срцето, а не кон разумот.“

– „А кој е третиот тип?“ – го прашав.

-„Оние кои никогаш не слушнале за алхемијата, но кои во текот на животот успеале да го откријат Каменот на Мудроста.“

Книгата започнува со сонот на Сантјаго: големо богатство скриено кај пирамидите во Египет. Обидувајќи се да го протолкува својот сон, тој запознава некои луѓе кои му помагаат на патот.

– Добро е да научите дека сѐ во животот има своја цена!

Сантјаго многу брзо ќе научи дека таа цена не се плаќа секогаш со пари, туку и со време, со труд, храброст, а пред сѐ со упорност, бидејќи светот надвор чека со отворени вилици да ги проголта скршените соништа на луѓето кои ќе го напуштат патот кој бил нивен и кој правел да се чувствуваат живи.

На патот по кој тргна, се соочи со многу моменти во кои посака да се откаже од сонот и да се врати кај своите овци.

За да го разберете Алхемичарот, морате да ја читате книгата со своето срце.

„Алхемичарот“ е симболична книга која пренесува многу повеќе од она што може да се прочита. Но, за да ја разберете во потполност, морате често да ги затворате очите и да ги пуштите сликите, метафорите да ви ја добираат душата, бидејќи едноставноста на зборовите прикрива голема длабочина со која малку книги можат да се пофалат.

Тоа не е така едноставно. Морате да знаете како „да гледате“ со затворени очи, како да гледате подалеку од она што може умот да го види. Морате да знаете како да гледате со срцето и да знаете како да ги разберете знаците на патот.

Во оваа книга магијата е скриена меѓу редовите.

– „Се плашам дека ако ги остварам своите соништа, потоа ќе немам причина да продолжам да живеам“.

– „Токму можноста за остварување на соништата го прави животот интересен.“

За да ја разберете оваа книга, најдобро е да ја прочитате барем два пати. Првиот пат ќе ја читате како младиот Сантјаго и нема да знаете каде ќе ве однесе ветерот, а вториот пат ќе ја читате како кралот на Салем, кој знае сѐ за Сантјаго и за тоа како нивните живот се испреплетуваат.

Но ако сте еден од оние кои не се предаваат, можете да ја прочитате и трет пат и да откриете едно нови ниво на читање на книгата, како мудрецот кој го знае Јазикот на Светот: оној кој не користи зборови за да го пренесе знаењето.

Кога ќе го достигнете ова ниво на читање, ќе сфатите дека во оваа книга не се зборува за младиот овчар кој е во потрага по богатство, туку се зборува за вас, вашиот живот, стравовите со кои до сега сте се соочувале, за сите оние пропуштени прилики кои ви се лизнале низ прстите, за времето кое ги менува луѓето додека морето се претвора во пустина, оставајќи само неколку школки да го потсетуваат на неговото минато.

Во оваа книга ќе ја пронајдете и мапата која ќе ве однесе до вашето богатство, до вашата Лична Легенда.

Автор: Розета Паскали

Tagged