Вистината се чита од вашето лице!

Го кревате погледот од картите и го погледнувате купот од чипови пред вас. Сега сте само вие и тој. Имате добри карти во рака, но тој постојано го зголемува влогот.

Дали блефира? Неговото лице е сталожено, но неговите очи се вперени во вас.

Ох, ете го. Викате и ги спуштате картите. Купот со пари е ваш!

– Не, не го препознав кога тој погледна на страна; не, тоа беше еден краток флеш на неговото лице кога неговите веѓи малку се поткренаа и споија. Тоа беше само дел од секундата, но доволно за да нема сомневање: Страв!

Тоа се т.н. микроекспресии кои се одраз на актуелната емоција. Микроизразите на лицето и на телото на човекот ги проучувал психологот д-р Пол Екман. Тој напишал многу книги на оваа тематика и навистина е многу популарен во областа на обуките за јавен настап, како и обуки во воената академија. Имено, магазинот Time го прогласи Екман за еден од 100-те највлијателни луѓе во светот за 2009 година.

Едно поново истражување покажало дека 6 од 10 луѓе лажат два до три пати во секои десет минути од разговорот. Причините за лажење се различни. Сепак, најголемата грешка при обидот да детектирате лага е кога претпоставувате дека некој ве лаже, а тој ја зборува вистината. Д-р Екман ова го нарекува „Грешката на Отело“. Имено, во Шекспировиот класик, Отело погрешно го толкува стравот на лицето на неговата жена како доказ за нејзината неверност, а всушност таа се плаши дека тој нема да и верува.

Експертите велат дека, понекогаш, тоа што мислиме дека го знаеме за говорот на телото и лажењето едноставно не е вистина. На пример:

– Избегнување на погледот: ако некој го избегнува контактот со очите – гледа лево или десно – додека ви зборува нешто, тоа не мора да значи дека лаже. Често тоа едноставно значи дека тој размислува и внимателно ги избира зборовите со кои сака да каже нешто.

– Одржување на контактот со очите: силниот контакт со очите може да има повеќе значења – флертување или обид за истакнување на доминацијата, на пример. Но тоа вообичаено не е знак дека некој лаже. Освен, се разбира, ако тој што зборува, верува дека оние што лажат го вртат погледот на страна.

– Нервозно зјапање: ова може да значи дека соговорникот крие нешто, но едноставно може да значи и дека е само нервозен.

– Негирање поради емпатија: негирањето со кое се потенцира секој кажан збор е често знак на попустливост, но не и знак дека некој лаже.

– Гестикулирање: често е знак за нервоза или непријатност, а не за лажење, и најчесто тоа го прават невини луѓе кои се под сомнение.

Науката за микроекспресии се заснова на проучување на емоциите кои ги гледаме и ги чувствуваме секој ден. При секоја емоција, се активира различна комбинација на мускули. Повеќето емоции, како и изразот на лицето кои го предизвикуваат, се универзални за сите луѓе без разлика на културата или земјата на живеење.

Луѓето што лажат, се обидуваат да го прикријат она што навистина го мислат или чувствуваат. Но, кога станува збор за нешто што им е особено важно, тогаш вистината може да се прочита на нивното лице. Микроекспресиите може да ни покажат дека некој лаже или се обидува да скрие нешто.

Сепак, не постои само еден знак по кој би препознале дека некој лаже, туку тоа е секогаш комбинација од израз на лицето, тонот на гласот, држењето на телото и зборовите кои се избираат. И при тоа, најчесто има контрадикција помеѓу она што личноста го кажува и она што несвесно го покажува со лицето.

Микроекспресиите на лицето се случуваат брзо и траат многу кратко, па затоа е неопходен соодветен тренинг за нивно препознавање. Движењето на телото додека некој зборува е исто така важно. Гестовите кои се во контрадикторност со она што некој го кажува, може да укаже на тоа дека некој лаже. На пример:

– Движење на главата – кратко врти со главата лево-десно кога кажува „да“ или клима со главата горе-долу кога вели „не“. Ова е еден од посигурните знаци дека некој лаже.

– Кревање на рамениците – вели дека е сигурен во тоа што го зборува, а при тоа малку го поткрева едното рамо или прави мала ротација со раката. Тоа значи дека воопшто не е сигурен во тоа што го зборува.

– „Прст“ – доколку не сте внимателни, веројатно нема ни да забележите дека некој ви го покажува средниот прст. Воопшто не е случајно кога некој го користи средниот прст за да ги намести веѓите, да го почеша носот или увото.

Зборовите се исто така важен дел во проценката. На пример:

– Грешка во зборувањето – зборува за некој друг, а несвесно вели „јас“. Тоа може да биде индикација за измама.

– Воздржано зборување – избегнува да го каже името на човекот за кого зборува, туку користи заменки (пр.:Јас сум немал сексуални односи со таа жена). Тоа може да укажува на обид за прикривање на нешто во врска со тој човек.

– Дефлексија – избегнување на одговорот (пр.: Тоа прашање не заслужува одговор.) или одговарање со прашање (пр.:Како воопшто можеш да прашаш такво нешто?).

Брзината на говорот е исто така важна. Промената во тонот на гласот и паузите помеѓу зборовите треба да се забележат. Повеќето луѓе го повишуваат тонот кога се исплашени или вознемирени. А кога некој го „омекнува“ гласот, најверојатно лаже. Исто така, честото повторување на „ахх“ или „хмм“ може да биде значаен показател.

Кога личноста го знае одговорот на прашањето кое и е поставено, нејзините веѓи веројатно ќе бидат малку поткренати.

Проширувањето на зениците е показател за возбуденост – најчесто сексуална.

Погледот надолу и на страна е знак на засраменост, но често се случува и при чувство на одвратност, разочараност, обесхрабреност, жалење, грижа на совест и тага.

Кога личноста е исплашена, дланките брзо стануваат постудени. Тоа е автоматски процес при кој крвта се собира од периферните крвни садови и се концентрира во поголемите мускули. На тој начин телото се подготвува да избега од она што го плаши, доколку тоа биде потребно. Кога личноста пак, е лута и бесна, тогаш температурата на дланките се зголемува, а телото се подготвува за борба.

Допирањето на увото не секогаш значи дека некој лаже, но најчесто е знак за постоење на нервоза.

Гризењето на уснити укажува на страв дека некоја лага или тајна ќе биде откриена.

Ова се само некои од знаците кои може да ви покажат дека соговорникот лаже или сака да прикрие нешто од вас. Меѓутоа, имајте на ум дека не е секогаш најважно да откриете дали некој ве лаже. Поважно е да откриете зошто го прави тоа!

Автор: Розета Паскали

Tagged