Дали вашето дете има потешкотии со говорот? Ова се потребните вежби!

Многу научни истражувања ја покажале поврзаноста на развојот на говорот кај децата со развојот на фината моторика. Имено, докажано е дека фината моторика е особено важна за соодветен развој на говорните способности кај децата. Затоа е важно што е можно порано да се почне со вежби доколку вашето дете не зборува или има потешкотии со говорот.

Доколку не станува збор за некој соматски проблем, мозочно оштетување или друг здравствен проблем, од особено значење е секојдневното вежбање.

Во првиот период на созревање на децата, пред развивањето на вербалните вештини, комуникацијата најнапред се сведува на допирање и поместување на предмети. Користењето на фината моторика му дава на детето информации кои му се неопходни за разбирање на околината. Фините моторни вештини за кои е потребна координација на малите мускули во телото, ни овозможуваат прецизни движења неопходни за манипулирање со мали предмети (на пример: ствање на монети во касичка, цепкање на хартија на ситни парченца, прецизно сечење со ножици, закопчување на копчиња, а на крајот и пишување.

Недоволната развиеност на овие вештини кај детето го отежнува или го оневозможува развојот на вештините за јадење со прибор, убаво пишување, самостојно облекување, врзување на врвки на патиките итн.

Овие вештини не бараат само прецизна координација на мускулите на раката, туку и координација око – рака.

При растот и развојот, детето најнапред ја совладува грубата моторика, при што се јакнат мускулите на телото, рамената надлактиците, подлактиците, а на крајот и мускулите на дланките. Поради тоа децата прво ја развиваат способноста да го фатат предметот, да го подигнат, да го вртат, а дури подоцна ќе можат волно да ги раздвојуваат прстите.

Во првите месеци по раѓањето, многу се важни игрите додека детето лежи на стомак. Тоа ќе му овозможи да ги зајакне мускулите на вратот и рамената, да ја контролира положбата на главата, да ги истегнува рацете. Сите овие движења се добра основа за понатамошната фаза во која детето започнува да ползи.

Сите овие вештини кои детето треба да ги совлада во првите месеци се од клучна важност за понатамошното усвојување на вештината за држење на моливот и пишување. За да може детето да научи да пишува, мора најнапред да има правилно држење на телото и стабилност, соодветен фат со раката, да биде во состојба правилно да го држи моливот, како и да ја усклади положбата на хартијата додека пишува.

Секако дека за потешкотиите во развојот на говорот потребно е да консултирате и логопед. Но, еве некои вежби кои можете да ги правите со вашето дете дома, а кои го помагаат развојот на фината моторика како и развојот на говорот:

– редење на коцки

– кога детето ја бара играчката, немојте веднаш да му ја дадете туку натерајте  го самото да ја извлече од вашите раце

– истиснување од туба (пр.паста за заби, темперни бои, итн.)

– кинење на листови хартија на ситни парченца

– манипулирање со мали предмети

– лепење со лепак или прецизно лепење на стикери

– играње со тесто

– боење со многу мали боички, на пример со мрсни боички, со цел да се совлада прецизното поставување на прстите

– играње со зрна од ориз, грав, грашок (пр.да се наредат на претходно нацртана линија)

– кој побрзо ќе ги собере ситните предмети во некој сад, но без да падне ниту еден

– откопчување и закопчување на копчињата

– врзување на врвки од патиките

– игри со пинцети

– ставање на железни парички во касичка

– правење на мали куклички од пластелин, кои ќе може да се наредат на прстите, а потоа да се измисли некоја игра со нив

– откопчување и закопчување на патент од спротивната страна

– сечење со ножички

Поврзаноста на развојот на фината моторика со развојот на говорот е резултат на блиската поставеност и поврзаност на говорните и моторните центри во мозокот. Во прилог на ова оди и фактот дека на врвовите од прстите се наоѓа наголем број од нервни завршетоци.

Поради тоа, детето кое е поактивно и има повеќе контакт со своето опкружување, полесно ќе сфати што е тешко, што е лесно, мало, големо, тврдо, топло, ладно итн. Колку е поголема интеракцијата на детето со светот кој го опкружува, толку ќе биде поголемо и неговото животно искуство а со самото тоа и фондот на зборови ќе биде побогат со секој поминат ден.

Portrait of woman at home plying with young child

Покрај развојот на говорот, развојот на фината моторика влијае и на развојот на други вештини како што се социјалните, училишните и емотивните. На пример, ако детето не успее да научи да ги врзува врвките или да извршува некоја друга активност, а неговите врсници тоа го можат, може да се соочи со некои непријатни ситуации кои ќе влијаат на неговата самодоверба.

Во училишниот период, неможноста за брзо и прецизно пишување ќе му пречи на детето во завршувањето на задачите до крај. Неможноста за прецизно манипулирање со предметите ќе го отежни усвојувањето и разбирањето на просторните односи. Кога овие функции не се автоматизирани до степен на спонтаност, голем дел од вниманието е фокусиран на нивното адекватно изведување, а при тоа се пропушта лекцијата на часот. Како последица на несовладаните вештини согласно возраста, децата со лоша координација може да бидат фрустрирани, да имаат ниска самодоверба и да се повлечат во себе, а може да се јави и отпор кон учењето и училиштето.

Автор: Розета Паскали

Tagged