Кога ќе запре срцето – биофидбек или моќ на самоконтрола

За повеќето процеси што се одвиваат во нашиот организам воопшто не сме свесни. Не знаеме колкав ни е крвниот притисок или пулсот, не го забележуваме собирањето и ширињето на крвните садови или работата на желудникот. Се разбира, сите овие функции можат да ги регистрираат современите медицински апарати и да ги прикажат преку светлосни или звучни сигнали. Исконска желба на човекот отсекогаш била да ја скроти природата, да управува со своето тело. Биофидбекот и истражувањата што се вршат во таа насока, можеби конечно ќе одговорат на вековниот стремеж.

Биофидбекот или биолошка повратна врска претставува постапка која овозможува свесно да ги контролираме т.н. автоматски функции на организмот. Најдобар пример за тоа како функционира биофидбекот се тренинзите со заболени од аритмија на срцето, кои ги спроведувале психологот Бернар Бликер и кардиологот  Јуџин Енгл од Балтимор (САД). На екранот на апаратот на којшто биле приклучени пациентите, се појавувала жолта боја ако работата на срцето е нормална; црвената значела дека треба да се забави, а зелената да се забрза. Вежбајќи дома, пациентите научиле да ја регулираат брзината на работата на своето срце. Многубројни испитувања се вршени и во врска со телесната температура и посебно со ритамот на мозочните бранови. И покрај многубројните одлични резултати од примената на биофидбекот, сепак поголемиот број на лекари продолжуваат да ги препорачуваат исклучиво производите на фармакомафијата. Користејќи го примарното чувство на страв кај болните, создаваат милиони зависници од лекови.

Експериментот на д-рГрим

До пред петнаесет години децидно се тврдеше дека човекот има два релативно независни нервни системи: централниот, кој го користиме за свесните активности и вегетативниот, кој не зависи од волјата на човекот, а ги контролира виталните телесни функции како што се дишењето, работата на срцето итн. За луѓето од западниот свет ова е релативно точно, а во тој контекст и биофидбекот е сѐ уште дискутабилна тема. Источните филозофски и религиозни традиции ваквата поделеност ја сфаќаат условно, како одраз на дезинтегрираноста на човековиот живот. Познато е дека индиските јогини и зен свештеници можат да ги контролираат, па дури и да управуваат со цвоите телесни функции.

Свами Рама

Еден од најпознатите е јогинот Свами Рама кого во 1971 година го испитувал д-р Елмер Грин, директор на психофизиолошката лабораторија Менингер во Канзас (САД). Свами Рама во текот на одреден период, додека бил приклучен на ЕКГ, свесно можел да го менува ритамот на срцето, од 66 го подигнал на 94, а потоа го спуштил на 54 отчукувања во минута. Д-р Грин особено се интересирал за можноста Свами Рама да ја запре работата на срцето. Тој на научникот му предложил прекин од 3 до 4 минути, но за Грин доволно биле и 10 секунди.

Голема заслуга во испитувањето на биофидбекот му се припишува и на американскиот научник Џо Камија, кој во 1958 година речиси случајно открил дека човекот свесно може да ја контролира активноста на мозокот. Тој пронашол дека секој може да научи како да призведе специјален вид на мозочни бранови (т.н. алфабранови кои предизвикуваат чувство на ведрина и релаксираност). Камија конструирал електричен уред кој мозочните бранови ги трансформира во звучни сигнали, па така, секој пат кога испитаникот ќе произведе алфа бранови се слушал тон. Задачата на секој од испитаниците била да ја препознае својата внатрешна состојба која одговара на алфа брановите и да ја одржува. Учењето траело само неколку часа, но за потраен ефект неопходно било лицето повторно да се приклучи на уредот и да се провери дали свесно предизвиканата состојба (психичка и телесна) се совпаѓа со појавата на алфа брановите.

Секако, и за ова нема никогаш да слушнете од вашиот матичен лекар затоа што во денешново потрошувачко општество потребни се секојдневни корисници на секакви транквилизери, седативи и други таблетки за справување со најразлични симптоми.

Примена на биофидбекот

Истражувањата покажале дека околу 80% од разните заболувања имаат психосоматско потекло. Тоа значи дека главни причинители се стресот или неспособноста на организмот да се бори со болеста, затоа што мозокот одбива „да соработува“. Испитувајќи го биофидбекот, научниците успеале да поврзат одредени типови на емотивно расположение со соодветни видови на нервни активности. Тоа значи дека со примената на методот на биофидбек, непријатните и несакани емоционални состојби, пред сѐ анксиозноста, можат да се стават под контрола. Со редукцијата на анксиозноста и на чувството на тегобност, всушност превентивно се делува на психосоматските заболувања. А кога болеста ќе се појави, методот на биофидбек најдобри резултати дава кај главоболките, мигрената, несоницата, срцевите заболувања, високиот крвен притисок и некои психички болести.

Но биофидбекот, за да не биде само уште една можност на алтернативната медицина, туку да биде навистина применлив надвор од лабораториите, потребни се специјални технички помагала. Не се работи за некои посебни апарати, туку за уреди кои медицината веќе ги користи. Со помош на ЕКГ, ЕЕГ, електромиографот или со релаксометарот биофидбекот може да се тренира, да се научи и користи за отстранување на многу невротични симптоми во секојдневниот живот.

Биофидбекот е одлична техника за справување со многу симптоми и овладување со некои телесни функции. Но, за жал, како и многу други третмани, биофидбекот може да ги реши последиците а не и причините за одредени болести. Тоа значи дека санирањето на симптомите од одредена болест ќе води кон друга болест, доколку при тоа не се работи на елиминирање на причините за настанување на примарната болест.

Автор: Розета Паскали