Конечно, престанете да пушите засекогаш!

Ако имате сериозни здравствени потешкотии поради цигарите, најважниот чекор што можете да го направите за да ја подобрите вашата состојба е да престанете да пушите.

Втората најважна работа е да живеете во околина каде што не се пуши.

Без разлика дали дирекно го вдишувате или тој доаѓа од некој пушач до вас, чадот од цигарите го забрзува развојот на болестите. Освен тоа, кога ќе престанете да пушите, со тоа го намалувате ризикот од добивање на некои срцеви заболувања. Со откажувањето од цигарите може да ја направите разликата помеѓу живеењето подолго и подобро – и неживеењето.

Добра вест е тоа што пушењето е ризик фактор кој можете да го контролирате. Еве како.

1. Одредете датум на кој ќе се откажете од пушењето

Ако сакате да се откажете од пушењето, од помош ќе биде доколку одредите датум за тоа. Одредувањето на датум го формализира обидот за откажување од пушењето. И покрај тоа што можеби ќе бидат потребни повеќе обиди, веројатноста за перманентно откажување се зголемува со секој обид што го правите.

Кога ќе избирате датум за откажување од пушењето, нека биде тоа некој ден кога сметате дека нема да бидете изложени на премногу стрес. Стресот е главната препрека за било каква промена во однесувањето. Обележете го датумот за откажување на вашиот календар.

2. Очекувајте дека ќе се чувствувате мизерно

Прв пат кога ќе се откажувате од пушењето, ќе ви биде тешко. Можеби ќе се чувствувате мизерно, раздразливо, дури и депресивно. Во следните неколку недели можеби ќе чувствувате повеќе глад од вообичаено. Би можеле да јадете грицки по цел ден – или било каква занимација за рацете и за устата. Еднаш штом успеете да ги надминете првите неколку дена, тогаш, ќе осетите дека можете повеќе да се контролирате.

Во овој период чувајте во џебот некоја гума за џвакање или тврда бомбона како привремено решение кога копнеете по цигара.

3. Одстранете сè што ве поттикнува да пушите

Поттикнувач може да биде сето она што вашиот мозок го поврзува со пушењето. Поттикнувачите се различни за секого. Можеби за вас мирисот на чад од цигара е поттикнувач, вашето утринско кафе или поглед кон пепелникот.

Се препорачува да ги одстраните цигарите од домот, терасата и автомобилот. Би требало да разговарате со семејството за тоа цигарите, пепелниците и запалките да се чуваат надвор од домот. Да се отстрани сè што потсетува на пушење.

4. Пробајте го чајот од валеријана или маточина

Докажано е дека чаевите од валеријана и маточина имаат смирувачко дејство, ја намалуваат вознемиреноста, ја намалуваат нервната напнатост и позитивно влијаат во однос на релаксацијата на целото тело. Во периодот на откажување од цигарите, корисно е да намалите со кафето и да почнете да пиете некој чај со смирувачко дејство. Можеби е добро за ова да го консултирате вашиот матичен лекар.

5. Дознајте зошто имате потреба од цигари

Ако вие сте пушач и сте се обиделе да се откажете порано, можеби сега чувствувате вина. Ова особено важи за луѓето кои имаат заболувања на белите дробови или некое срцево заболување. Вие можеби се срамите од вашиот неуспех да се откажете од пушењето и се грижите дека другите ве осудуваат поради тоа. Но и покрај тоа, треба да престанете да се грижите. Пушачите не се самодеструктивни, мрзеливи или немотивирани. Кругот на откажување и повторно враќање на цигарите се должи на моќната зависност која создава силна желба за цигари. Повторното враќање на цигарите откако некој се откажал од нив, не е одраз на неговиот карактер.

6. Зависност од никотин

Според истражувањата, луѓето пушат затоа што се зависни од никотинот. А никотинот од цигарите создава исто толкава зависност како и хероинот или кокаинот. Имено, секој кој пуши најмалку 5 до 10 цигари дневно се смета дека е зависник од цигари. Понекогаш е потрбно да се случи голема катастрофа, како хоспитализација, за да може некој да престане да пуши и да остане непушач.

Дури и оние кое успеале да не пушат со години, може да добијат желба да пропушат повторно. Иако секој пушач е случај за себе, сепак за сите важи тоа дека при обидот за откажување од цигарите им се зголемува количеството на стрес, напнатост и депресивност.

7. Дознајте зошто вашата желба за цигари опстојува…

Обидете се да направите искрен разговор со себеси. Од каде произлегува вашата потреба за цигари? Дали цигарите се замена за нешто што ви недостасува во животот? Дали пушењето е одраз на ниска самодоверба? Или можеби тоа е поврзано со некое длабоко скриено чувство на вина? Доколку ви е тешко да ги фокусирате мислите и да допрете до вистинската причина за вашата зависност од цигарите, добро е да поразговарате со некој психолог/психотерапевт.

8. Откажување од цигарите засекогаш

Па, ако цигарите создаваат толкава зависност, дали би можеле да ги откажете засекогаш? Да. Повеќето луѓе кои сакаат да се откажат, не успеваат од прва. Но секој пат кога ќе се обидете, имате плус 5% шанса дека ќе успеете.

Процентот на веројатноста да се откажете од цигарите засекогаш се зголемува со секој обид. Веројатноста се зголемува во ваша корист колку што повеќе обиди правите за откажување од цигарите. Но ако згрешите и запалите цигара, немојте да се критикувате.

Повеќето пушачи грешат повеќе пати пред да се откажат од цигарите засекогаш. Но, цврстата решеност да престанат со пушењето ќе ги доведе до успех.

Автор: Розета Паскали

Tagged