Невронаука на пеењето

Пеењето ни носи радост, самодоверба и способност да го издржиме стресот

Невронауката за пеењето покажува дека кога пееме, нашите невротрансмитери се соединуваат на нов начин. Тоа го покренува десниот темпорален лобус во мозокот, ослободувајќи ендорфини кои нè прават попаметни, поздрави, посреќни и покреативни. Кога пееме со други луѓе, овој ефект се засилува.

Убавите чувства кои ги добиваме од пеењето во група се еден вид на награда од тимската работа.

Научните истражувања покажаа дека пеењето во група предизвикува ослободување на хормоните серотонин и окситоцин, па дури и ја синхронизира работата на срцето. Во својата книга „Несовршена хармонија: Барање на среќата преку пеење со другите“ (Imperfect Harmony: Finding Happiness Singing With Others), Стејси Хорн вели дека пеењето е инфузија со идеално смирувачко средство кое ги смирува вашите нерви и го поттикнува вашиот дух.

Пеењето не прави среќни

Подолго време научниците се обидуваат да објаснат зошто пеењето има смирувачко дејство. Имено, кога пееме, во телото се ослободуваат хормони кои го опуштаат телото и создаваат чувство на доверба и поврзаност. Пеењето им помага на луѓето кои имаат депресија и го намалува чувството на осаменост.

Британската  пејачка и директор  на хор, Софија Ефтимиу го опишува пеењето како процес на свесна контрола над нашето дишење и грло, кога го соединуваме тоа со ритамот и стиховите за создавање на песна.

При групната изведба, сите членови на групата ги чувствуваат музичките вибрации кои истовремено поминуваат низ нивните тела.  Ритамот на нивните срца станува синхронизиран. Софија објаснува: „Ние буквално формираме обединет срцев ритам.“

Секој може да пее

Една од големите работи кај пеењето е тоа што можете да се чувствувате добро, дури и ако не сте баш најдобри во тоа. Една студија покажа дека групното пеење може да има и терапевтско дејство, дури и кога звукот кој го создава вокалот има просечен квалитет.

Танија де Јонг, пејачка и основач на „Creative Australia“, ефикасно ја користи способноста за групно пеење за да го подигне секој член од групата, независно од нивната способност за пеење.

Проектот на организацијата „One Voice“ обединува многу различни луѓе со пеењето. Танија вели: „Една од прекрасните работи кај пеењето е тоа што ве поврзува со десната страна на мозокот. Тоа е страната која е одговорна за интуицијата, имагинацијата и сите наши креативни функции. Тоа не поврзува со светот на можностите. Во современиот живот постојано не бомбардираат со толку многу информации кои ги обработуваме и анализираме. Затоа најчесто сме заглавени во левата страна на нашиот мозок. Поради тоа, од суштинско значење е да се образуваат атрибути по кои ќе се разликуваме од машините. Најдобриот начин за тоа е пеењето.“

Пејте било каде и во било кое време

Оваа можност е бесплатна и достапна на сите. Сите имаме глас. Сите можеме да пееме, па дури и ако мислиме дека не можеме. Имаше време кога сите пеевме. Пеевме во црквите, околу извидничкиот оган, во училиште. Но во еден момент некој ни кажа дека треба да бидеме смирени или да размислиме за нашиот несовршен пејачки глас. Од тогаш многумина престанаа да пејат, и покрај знаењето дека групното пеење препородува.

Дигнете го својот глас

Американската оперска пејачка Кети Кет сака сите нас да не поттикне да пееме почесто, без разлика на нашиот осет за музика. „Пеењето ја зголемува самосвесноста, самодовербата и способноста за комуникација со другите. Исто така, го намалува стресот, не смирува, ни помага да го јакнеме нашиот идентитет и влијае на нашиот целокупен свет. Кога пеете, музичката вибрација се движи низ вас, менувајќи ја вашата физичка и емоционална состојба. Пеењето е старо колку и планините. Ова е навистина една од најактивните работи кои можеме да ги правие.“

Кети додава: „Меѓутоа општеството ги искриви ставовите за вредностите на пеењето. Пеењето стана нешто кое е резервирано само за елитните таленти или ѕвездите со високи перформанси, со менаџмент, со датуми за концерти, оставајќи не сите нас со деструктивната критика за нашите сопствени гласови.“

Таа тврди дека пеењето е инстинктивно и неопходно за нашето постоење. Не е задолжително да бидете исклучителен пејач за да имате корист од основните биолошки предности на пеењето.

Извор: http://www.brainum.ru/2017/09/blog-post_83.html

Превод: Розета Паскали