Одговорност кон себеси

Решив да пишувам за одговорноста на секој од нас пред самите себе. За следењето на своите планови. За своите интереси. За бранењето на своите граници. За тоа дека е многу важно – да не бидете жртва „на околностите и лошите луѓе“.

Мислам дека е многу важно да се потсетиме кои сме, што можеме, за што сме способни… Многу е важно да запамтите дека сте возрасна, силна и паметна личност. А возрасните луѓе се во состојба да се носат речиси со сѐ.

Кога ќе престанеме да ги браниме своите интереси, се повлекуваме во себе физички и емоционално и се предаваме на судбината, се претвораме во жртва. И сигурно пред нас ќе се појават „лошите луѓе“ кои ќе ја „искористат нашата беспомошност“. „Непријателите“ нема долго да чекаат.

За мене чувството на жртва – тоа е како да се чувствувате себеси како мало дете пред големи силни луѓе. Дури и ако „тој голем човек“ е нашето дете кое не ги собира своите играчки или пак е грубо кон нас, или не ја пишува домашната на време. Чувството на сопствена немоќ нѐ преплавува и добиваме само желба да се скриеме или да си заминеме.

Тогаш немаме нималку снага и немаме никакво право да ги браниме своите интереси или, како и во случајот со децата, да ја востановиме и држиме својата родителска власт.

Во моментот кога ќе станеме жртва, се лишуваме себеси од сопствената волја. Се скаменуваме, слабееме, се повлекуваме, се претвараме во преплашено дете. Мислам дека секој човек кој се нашол во позиција на жртва, го искусил тоа дека потчинувањето, смалувањето или предавањето на волјата на судбината (читај волјата на други моќни луѓе) било единствениот излез. Во детството, кога се во прашање возрасна личност и дете, детето навистина нема друг излез.

Ова детско искуство и тогаш пронајдениот алгоритам на однесување нѐ принудува секогаш несвесно да губиме, кога психата смета дека ситуацијата е барем малку слична.

Ако ви е познато искуството во позиција на жртва, многу е важно да научите како да се вратите себеси во стварноста. Да се освестите за тоа кои сте, колку години имате, која позиција ја имате (мајка, татко, сопруга, раководител на оддел, водечки соработник, сериозен професионалец) и на крајот дека сте возрасен човек.

Вие како возрасен човек сами одлучувате како да се однесувате, што да им дозволите на другите во однос на вас, а што да не дозволите.

Имате избор. И изборот секогаш го правите вие самите. Не го губето тоа од видот!

Автор: Розета Паскали

Tagged