Парапсихологија и експериментална психологија

Неодамна ја прочитав книгата со наслов „Парапсихологија и експериментална психологија“ од рускиот психолог В.Н.Пушкин. Овде сакам да дадам краток осврт на содржината.

Во оваа книга се зборува за повеќе појави кои се сметаат за парапсихолошки или парамедицински. Според некои автори парапсихологијата е наука за оној дел од природата пред кој човековото знаење не е доволно. За други автори пак, тоа е само еуфемизам за нешто привидно и лажно.

Се добива впечаток дека авторот ја напишал оваа книга со две цели. Првата е поврзана со разоткривањето на теоретските слабости на парапсихологијата како еден затворен систем кој се спротивставува на природните науки. Втората е поврзана со настојувањето да во системот на природни науки се внесат оние необични појави со кои располага парапсихологијата.

Во првиот дел од книгата, авторот прави обиди за проучување на корените на извесни недоразбирања или предрасуди кои го отежнувале или го оневозможувале вклучувањето на парапсихолошките појави во природно – научните истражувања. Воедно, тој се обидува да зацрта и една теориска рамка на истражувањата на парапсихолошките појави, да укаже на нивната објективна основа, односно енергетскиот супстрат на некои, ако не и на сите парапсихолошки појави.

За да оформи што поширока основа за истражување на различни аспекти на психоенергетските појави, авторот се повикува на принципите на холографската психофизика, акупунктурата и електропунктурата. Самиот факт за постоење на резонанца во мозочните процеси не е доволен за докажување на холографската природа на човековите претстави и мисли. Познавањето на законитостите на акупунктурата може да се искористи за спознавање на некои парапсихолошки појави (на пример телекинезата). Но, како метод за лечење на различни болести, мора да се користи во комбинација со други методи.

Како што кажува и самиот автор, со акупунктурата се лечат само симптомите на болеста. Какво значење би имало лекувањето ако не се промени начинот на живеење на еден болен човек т.е. ако не се отстрани причината за неговата болест?

Оној специфичен момент на субјективно доживување кое претставува најзначајно својство на психичкиот живот, доаѓа до израз првенствено во однос на човековите потреби. Задоволувањето или незадоволувањето на потребите ги создава чувствата т.е. емоциите. Емоционалните процеси играат голема улога во регулирање на однесувањето на човекот. Од една страна, емоциите на специфичен начин создаваат напнатост која го поттикнува субјектот да делува за задоволување на потребите. Од друга страна пак, емоциите кои настануваат во самиот процес на задоволување на потребите, го поткрепуваат тој процес.

При долготрајно незадоволување на потребите се јавуваат фрустрации кои може да прејдат во психоневрози. Неврозите, како нарушувања на психичкото здравје, доведуваат до енергетски дисбаланс во кората на мозокот. Според Пушкин, луѓето кои поседуваат парапсихолошки особини најчесто имаат невротични црти. Исто така, се спомнува дека повеќето болни со оштетување на базално – окципиталните делови од хемисферите на кората на мозокот, покрај другите симптоми, имаат и телепатски способности. Не случајно е опишан примерот со Роза Кулешева која била болна од епилепсија.

По читањето на оваа книга ми се наметнува прашањето: дали Р.Кулешева, Н.Кулагина, Б.Јермолајев и другите такви како нив кои поседуваат парапсихолошки способности, се болни или само различни од другите?

Неоспорен е фактот дека физиологијата на мозокот на човекот не е доволно проучена, како и фактот дека користиме само еден мал дел од можностите на нашиот мозок. Дали ќе биде потребно да поминат уште многу илјади години за да можеме да ги користиме сите капацитети на мозокот, или тој секогаш ќе биде енигма?

Од истражувањата што ги правел, авторот дошол до заклучок дека психокинезата може да се научи. Ако е тоа така, тогаш зошто човекот при неговиот еволутивен развој ги развил рацете како посебни делови од телото со кои може да движи разни предмети, а не ги развил оние делови од мозокот кои ја овозможуваат телекинезата? Ако треба да поместиме некое парче стакло со остри рабови, многу е голема можноста да се повредиме. Но, а ко тоа го направиме со нашата психокинетичка способност, сигурно би било многу побезбедно.

Всушност, зошто во денешно време научниците кои го знаат сето ова, одлучуваат да ни го понудат далечинскиот управувач а не некоја ментална техника со иста намена?

За жал, во оваа книга не можеме да го најдеме одговорот на ваквите прашања!

Автор: Розета Паскали

Tagged