Сакате вашето дете да учи без потешкотии? ЕВЕ КАКО МОРАТЕ ДА СЕ ОДНЕСУВАТЕ

Училишниот период е предизвик за секое дете, но и за секој родител. Тоа е време на сложени психички и физички промени кај детето. Секако, тоа е период и на многу дилеми за родителот. Дали да му помогнете во изборот на училиште? Дали да го заштитите пред учителот? Дали да му ја ограничите слободата која ја бара? Како да поставите јасни граници кои ќе бидат прифатливи и за вас и за детето? Во кои моменти едноставно треба да го оставите на мира? Ако не сакате да дозволите училиштето да го скрши вашето дете, тогаш разгледајте ги следните совети:

1. Во периодот на шестата или седмата година, мозокот на детето физиолошки не е подготвен да прима голем обем на информации. Затоа не инсистирајте вашето дете да посетува разно разни курсеви, бидејќи така вие ќе ги изгубите вашите пари, а детето – своето детство. Едноставно, децата во предучилишната возраст не треба да се оптеретуваат.

2. Во периодот од прво до трето одделение, за детото е најважно да постигне психолошки комфор во однос на училиштето. При тоа, добро е училиштето да биде во близина на вашиот дом. Така детето ќе може да научи самото да оди во училиште, што е особено важно при градењето на неговата самостојност. Исто така, полесно ќе му биде да ги гради другарски врски со децата ако тие живеат во непосредна близина.

3. Доколку можете да избирате, тогаш погрижете се вашето дете да има соодветна учителка која сака деца и работи во училиште затоа што ја сака таа работа. Првата учителка не треба да биде строга туку добра и трпелива.

4. На почетокот на првото одделение потребно е да одвоите повеќе време за да му помогнете на детето да се стекне со работни навики како и да ја прифати новата обврска која се вика училиште. Ова е периодот кога ќе морате да му дозволите на детето да ги почувствува и последиците доколку ги занемарува своите обврски.

5. Престанете да го потпрашувате за тоа што е работено секој час. Исто така, ќе морате да се воздржите од претерани реакции на оценките. Доколку родителот и детето успеале да изградат добра релација исполнета со доверба, тогаш темата училиште нема да претставува проблем. Родителот нема да има потреба постојано да го контролира детето, а детото ќе знае дека секогаш може да му се обрати на родителот доколку има некаков проблем.

6. Домашните задачи се за децата, а не за родителите. Научете го детето самото да си ја подготвува училишната чанта за денот кој следува. Доколку нешто заборави, не треба вие да водите сметка за тоа. Можеби овде станува збор за ситници потребни за во училиште, но суштината е подлабока. Кога детето ќе научи самото да се грижи за работите кои му требаат за следниот ден, тоа всушност учи и како самото да се справува со многу предизвици кои ќе следуваат во животот.

7. Секако дека треба да му помагате на детето, особено во почетокот. Но помошта да ја добие откако детето ќе ви пријде и ќе ви каже дека некоја задача не може да ја разбере. Немојте постојано да му приоѓате со сомнежи дека нешто погрешно напишало. Ако детето не ве прашува ништо, значи дека сѐ е во ред.

8. Ако забележите дека учителката не се однесува соодветно кон вашето дете, обидете се да разговарате со неа. Доколку нема промени, разговарајте и со директорот, а ако и тоа не даде резултат – одете понатаму. Побарајте вашето дете да биде префрлено во друго одделение или во друго училиште. Во никој случај не треба да го оставате детето во долготраен и перманентен стрес.

9. Периодот на пубертет започнува по единаесеттата година, а трае до петнаесеттата или шеснаесеттата година. Тоа е време на сложени хормонални, психички и физички промени. Токму во овој период, децата мораат да прифаќаат сѐ повеќе и поголеми училишни обврски. Хормоналните промени може да доведат до промена на приоритетите. Сепак, ако не сакате конфликти и потешки проблеми – оставете го детето на мира. Ваша задача како родител е овој период да помине што по мирно.

10. Следете ги афинитетите на детето и талентите кои ги поседува. Талентот е нешто што треба да се развива со радост, а не да се создава терет и тешка обврска со многу правила. Токму талентот кој бил негуван, во периодот на пубертет може на детето да му помогне во градењето на својата самодоверба и личен идентитет.

11. На крајот, не е толку важно како учи вашето дете, туку да го сакате такво какво што е. Да, родителството ќе биде потешко кога детето ќе има 15 години, отколку кога имало 5. Имено, детето не треба во вас да предизвикува одбојност, туку грижа и љубов. А за да биде така, најнапред морате прво да се засакате себеси.

Автор: Розета Паскали

Tagged