Станислав Гроф – Четири перинатални матрици

Што влијае на карактерот и менталното здравје на детето? Пред сè – тоа е односот кон своето дете. Дали го карате за секоја ситница, дури и не објаснувајќи му  зошто не смее нешто да прави, или го прифаќате детето такво какво што е, и се обидувате мирно да му објасните што, зошто и како.

Формирањето на нашата психа е поделено во неколку етапи:

  • период на интраутерин развој на плодот
  • период на рано детство
  • криза на третата година
  • криза на седмата година (преоден период кон возрасно доба).

Психологот и истражувач Станислав Гроф опишува 4 перинатални матрици според кои се формира нашето ментално здравје:

Прва матрица – престој на плодот во матката до почетокот на породувањето

Кога детето е посакувано, кога мајката не доживува психички и биолошки стресови, бебето уште во овој онтогенетски период добива искуство на блажена и среќна состојба.

Ако детето не е посакувано, ако мајката е под стрес, болува, во конфликт е со сопругот или родителите, сака да абортира итн., тогаш кај тоа бебе, ако воопшто се роди, не постои искуство на спокојно и среќно постоење. Светот не го прифаќа уште од почетокот, додека е во матката, и како одговор на тоа самото бебе не го прифаќа светот, не верува во тој свет.

Втора матрица – период на породување, кога ќе почнат контракциите

Ова е периодот на првите животни тешкотии за секој од нас. Тоа е почеток на првата животна криза. На крајот од кризата, плодот како суштество кое живее во водена средина, прима храна и кислород преку папочната врвца, не дише со белите дробови – умира, а се раѓа човек.

Ова е период во кој, при лоши околности, се создаваат услови за депресија, необјаснива загриженост и меланхолија, често поврзани со девијантно однесување. Девијацијата може да се објасни со несвесното тежнеење кон враќање во удобната, океанска состојба на матката.

Но враќањето е невозможно. Постои само еден пат – раѓање. Враќањето во било кој случај води кон смрт.

Трета матрица – почнува со почетокот на проаѓањето на плодот низ породилниот канал

Најкритичен момент во животот на плодот е тој кога доаѓа до биолошко одвојување од мајката. Токму во овој период се градат темелите за повеќето проблеми во однесувањето, за психолошките и социјалните проблеми.

Од најмалите нијанси на третата матрица зависат понатамошните особености на личноста. Станислав Гроф претпоставува дека наркотичката епидемија има почеток во третата матрица. Имено, тоа е пракса на стимулација со дадени лекови во текот на породувањето со цел да се намали болката или да се запре природниот тек. Се увидело дека човекот кога се соочува со првите проблеми, веќе се стекнал со искуството како хемиски да се ослободи од нив. И тоа е најмоќниот печат кој влијае на целиот понатамошен негов живот.

Во фазата на психолошко одвојување од родителското семејството, при преоѓањето од светот на детството во светот на возрасните, во текот на прифаќањето на тежината на одговорноста  за својот живот, доволно е само еднаш да се употребат наркотици за да се придвижат длабоко втиснатите механизми и да се развие зависност.

Четврта матрица – фаза на сечење на папочната врвца

Овде се формираат нашите односи кон надворешниот свет, но не ембријалните туку оние што се потполно човечки. И тогаш може да се случи сиутација во која човекот се родил, но фактот за неговото раѓање не го прифатил.

Една од карактеристиките на адолесцентите со проблеми во однесувањето е тотална недоверба во возрасните, родителите, самите себеси, а наркотизацијата во овој случај може да создава илузија на доверба. Чувството на безизлезност од дадената ситуација е сличен на чувството на беспомошност во втората перинатална матрица, бидејќи човекот не може да се откаже од своето сопствено раѓање.

Големо значење во детската психијатрија, во склад со тоа и во психотерапијата, има резидуалната органска инфериорност на централниот нервен систем кај детето. До неа обично доведуваат перинаталните, наталните и постнаталните трауми (гушење, хронично труење, резус – конфликти, метаболички пореметувања, тешки соматски или инфективни болести во првите години од животот) и низа на други фактори кои во некој период ги намалуваат функционално – динамичките способности на централниот нервен систем.

Исто така, во одреден степен го забавуваат процесот на негово физиолошко созревање, што за возврат може да доведе до забавен развој на најсложените и најсовршени физиолошки функции: говор, социјални навики и слично, претварајќи ги во место на најголема ранливост. На таа основа, често се формираат специфични за детската возраст невротски реакции, неврози: дткање, енуреза, итн.

Извор: econet.ru

Превод: Розета Паскали