Сублиминална перцепција

Секој од нас поминува барем дел од денот пред телевизор, пред компјутер, на интернет, слуша радио. Тоа значи дека добар дел од времето е сме под влијание на некој медиум. И секој од нас верува дека има слобода на избор да го следи само она што му се допаѓа. Но, дали е навистина така? Дали навистина одбираме да го гледаме тоа што го сакаме и дали навистина можеме да забележиме сѐ на екранот?

Поновите истражувања на тема перцепција покажуваат дека сетилата на човекот можат да регистрираат безброј видови на дразби, но човекот е свесен само за оние кои го надминуваат прагот на надразливост на сопственото сетило. На пример, звуците пониски од 10 херци секако дека постојат, но човекот ги слуша само оние над 10 херци. Всушност се покажало дека човекот ги слуша и звуците под 10 херци но нема свесност за нив, а тие сепак влијаат на него. Ова важи и за осетливоста на другите сетила во однос на соодветните дразби. Ова е т.н. СУБЛИМИНАЛНА (несвесна, подпрагова) ПЕРЦЕПЦИЈА.

Како доказ за влијанието на овие нискофреквентни стимулуси се резултатите од многу истражувања, а јас ќе ви кажам за едно:

Во 1957 год. во едно кино во Њу Џерси, додека траел филмот, на филмското платно биле прикажувани пораките `Јадете пуканки` и `Пијте кока-кола`. Пораките биле прикажувани со тахистоскоп на секои 5 секунди со брзина од 1/3000 во секунда, што значи доволно брзо за да не може да бидат приметени на екранот. Сепак ваквите пораки несвесно биле регистрирани од гледачите, а доказ за тоа била зголемената продажба на пуканки за 57,7% и на кока-кола за 20%.

Немаше ништо лошо во ова откритие се додека за ова не дознаа маркетинг агенциите, но и големите моќници кои сакаат да го контролираат народот. Поради можностите за злоупотреба на овие сознанија, властите во Америка донесоа закон со кој се забранува користењето на сублиминални пораки. За жал, тоа не ги спречи големите компании да го користат ова.

Најчесто користените пораки ги содржат зборовите секс, љубов, моќ, пари и сл. Се смета дека врз амбалажата на голем број производи има вакви пораки, но се разбира напишани доволно бледо за да не бидат лесно видливи. Производите со вакви пораки стануваат поатрактивни за купувачите и брзо се зголемува нивната продажба. Попознати компании кои се смета дека користат вакви пораки се модниот канал Fashion TV, производителите на крекерите Ritz, AT&T Mоbility, Red Bull, Coca – Cola. Тие се користат и во многу филмови (пример: „The Lion King“) и песни (пример: во песната од Queen „Another One Bites the Dust“ во позадина, со ниска фреквенција, оди текстот „Забавно е да се пуши марихуана“).

Епа сега јас повторно ве прашувам: Дали сѐ уште мислите дека ја следите својата слободна воља и имате право на избор?

Автор: Розета Паскали

Tagged