Гешталт терапија

Својот тераписки пристап Фриц Перлс, основачот на Гешталт терапијата, најнапред го нарекол Терапија на концентрација. Во својата прва книга тој смета дека новата методологија е теориски поедноставна: нејзината цел е повторно да се постигне чувството на себеси. Давајќи и го ваквиот назив, тој имал во предвид дека концентрацијата е најефикасно средство при лечењето на невротичните и параноидните пореметувања, но исто така дека претставува и засебна цел. Концентрацијата го означува позитивниот став кој е поврзан со чувството на здравје и благосостојба и таа е извонреден знак за здрава целовитост.

Називот „Гешталт терапија“ дојде заедно со втората книга на Перлс во која тој продолжува со обликувањето и разработката на теориските основи, принципи и техники на овој тераписки пристап. Називот произлегол од Перлсовото прифаќање на поставките на гешталт психологијата, кои тој ги проширил на целокупното функционирање на човекот.

Гешталт терапијата припаѓа на групата хуманиситчки правци во психологијата и претставува „Трета сила“ („Прва сила“ се вербалните терапии како што е психоанализата, а „втора“ се терапиите со модификација на однесувањето). Во овој феноменолошки пристап, во кој доаѓа до поврзување на говорот и однесувањето, извршено е поместување од т.н. медицински модел во кој се нагласува болното и патолошкото, кон заинтересираност и истакнување на позитивните, здрави аспекти на личноста и живеењето.

Една од целите на Гешталт терапијата е повторно оспособување на човекот да ги користи сите свои потенцијали, да ги развива и да ги користи за постигнување на поисполнет, поефикасен и посреќен живот.