Што значи поимот „Гешталт“?

„Гешталт“ е германски збор кој не може буквално да се преведе на македонски јазик, но најблискиот превод би бил со значење: целовитост, конфигурација или потполност на формата. Овој поим има многу слично значење со источниот поим „тао“. Според гешталтистичките концепти, фигурата и позадината формираат една потполна целина и не можат да бидат одвоени една од друга. Гешталтот е сличен на стариот кинески симбол „јин и јанг“ во кој обликот на едниот дел го одредува обликот на другиот дел и каде што двата дела се неопходни за да биде потполна целината.

Изразите фигура и позадина Перлс ги превземал од гешталт психологијата. Истите тој не ги користи само во областа на перцепцијата туку и за објаснување на функционирањето на организмот на човекот воопшто. Фигурата е доминантната потреба, она што во одреден момент го привлекува нашето внимание и ја насочува нашата активност, оставајќи сѐ друго во позадина. На пример, кога сме гладни, чувството на глад е фигура и тоа нѐ насочува кон храната и нејзиното конзумирање, со што гешталтот би бил потполн. Тогаш чувството на глад престанува да биде фигура и тогаш ние можеме да се насочиме на други работи, процеси или активности.

Влијанието на гешталт психологијата и организмичките теории врз гешталт терапијата бил голем. Истражувањата кои ги вршеле Блума Цајгарник и Марија Овсјакина укажале на значењето кое го имаат незавршените задачи и ситуации врз човековото однесување поради напнатоста која ја предизвикуваат. Незавршените ситуации за Перлс претставуваат непотполни гешталти на кои човекот постојано се навраќа со цел да ги потполни. Тие ја крадат енергијата на човекот во секојдневието, односно таа останува заглавена во минатото кога се случил некој настан кој не завршил како што ние сме посакувале. Со развивањето на свесност за овие незавршени ситуации односно непотполни гешталти од минатото, човекот има можност да си ја врати енергијата и да биде пофункционален овде и сега.