7 пораки од Вејн Дајер за управување со сопствениот живот

Д-рВејн Дајер (1949-2015) беше доктор по психологија, писател и мотивациски говорник. Дајер е роден во Детроид, Мичиген. Поголемиот дел од детството го поминал во дом за деца без родители или во згрижувачки семејства, така да повеќето од техниките кои ги препорачува на другите ги препорачува од своето лично искуство. Звањето психотерапевт го стекнал со докторат во областа на советодавната психологија на Вејн Стејт Универзитетот и Универзитетот Мичиген.

Има напишано многу книги, меѓу кои се: „Вашите слаби точки“, „Како да управувате со сопствениот живот“, „Магијата на животот“, „Ќе го видите тоа кога ќе поверувате“ итн.

Следуваат 7 мудри пораки на д-рВејн Дајер од неговата книга „Како да управувате со сопствениот живот“:

За да живеете онака како што сакате, морате да бидете малку бунтовни. Морате да бидете подготвени да се борите за себеси. Можеби со тоа малку ќе ги вознемирите оние на кои многу им е важно да го контролираат вашето однесување – но ако имате воља да се обидете, ќе откриете дека да е многу радосен драгоцен и потполно исполнувачки начин на живеење кога си дозволувате да биде тоа што сте и не им дозволувате на другите да мислат место вас.

Не морате да бидете револуционер, бидете само човечко битје кое му вели на светот: „Јас ќе бидам своја и ќе се спротивставам на секој кој ќе се обиде во тоа да ме спречи.“

На располагање ви е една посебна врста на слобода, ако сте подготвени да ги прифатите ризиците кои таа ги носи со себе –  слобода да шетате по полето на животот каде и да посакате, слобода да изберете сè сами. Поединецот има право сам да одлучи како ќе го живее својот живот, сè додека тоа не ги нарушува истите права на другите, а секоја личност или институција која ја попречува туѓата слобода, треба на неа да се гледа како на манипулатор или угнетувач.

Животот на секое битје е единствен, одвоен од било кој друг живот, во буквална смисла на зборот. Никој друг не може да го живее вашиот живот, да го чувствува она што вие го чувствувате, да влезе во вашето тело и да го доживува светот на начин на кој вие тоа го правите. Ова е единствениот живот кој го имате и тој е премногу драгоцен за да им дозволите на другите да го користат така како што на нив им одговара. Логично е дека вие треба да одлучите како ќе функционирате и вашето функционирање треба да ви донесе радост и исполнување, бидејќи тогаш, наместо да страдате како жртва, „ќе ги држите конците во свои раце“.

Не морате никогаш повеќе да бидете жртва. Никогаш! Но, за да можете да функционирате како некој кој не е жртва, морате добро да размислите за себеси и својот живот, како и да научите да ги препознаете бројните ситуации во кои вашите конци ги повлекува некој друг.

Да се биде слободен не значи да се откажете од одговорностите кон вашите сакани и блиски луѓе. Да се биде слободен, всушност, подразбира слободен избор да бидете одговорни. Но, никаде не пишува дека морате да бидете она што другите го сакаат кога нивните желби се во спротивност со она што вие самие го сакате за себеси. Можете да бидете одговорни и слободни.

Најслободните луѓе на светот се оние кои имаат чувство на внатрешен мир. Тие едноставно одбиваат да дозволат туѓите хирови да ги вознемируваат, па затоа тивко и продуктивно го живеат сопствениот живот. Овие луѓе уживаат во слободата, не дозволувајќи да ги попречуваат дефинираните улоги кои им налагаат да се однесуваат на одреден начин само затоа што се родители, вработени, Американци или возрасни. Тие учиваат во слободата која ја избрале за себеси и не се грижат за тоа како некој друг се чувствува поради нивниот избор. Тие се одговорни, но не на начинот на кој некои поединци себично го интерпретираат овој поим.

Извор: inspiracija.rs

Превод: Розета Паскали

Tagged